По еднодневниот бојкот на пет големи трговски синџири, здруженијата на потрошувачи и граѓаните на Србија повикаа на нов петдневен бојкот поради високите цени. Слични бојкоти на трговските синџири беа во сила или се уште траат во земјите од регионот – Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Македонија. Дејан Гавриловиќ од здружението Ефектива вели дека успехот на еднодневниот бојкот е тоа што биле издадени околу 21,5 отсто помалку фактури, а 37 отсто помалку промет.
„Значи, тоа беше 4,5 милиони евра помалку во однос на петокот пред бојкот. Не се малку пари, но веднаш откако се случи, добивме таква информација, дека почнале да ги покачуваат цените, што значи дека не реагирале на вистински начин, па ги повикавме граѓаните на овој петдневен бојкот“, истакна Гавриловиќ на РТС.
Тој нагласува дека е тешко да се претстават јасни барања и алтернативи без да се анализира нивниот бизнис.
„Да кажеме кои се нивните маргини и слично, па затоа е тешко да се направи единствено барање. Ги упативме граѓаните што да прават, клучен совет во целата оваа приказна е да се најде алтернатива. Затоа, не е бојкот ако купам однапред во истиот синџир следните 5 дена во недела, па бојкотирам, па пак купувам од него во сабота. Наместо тоа, најдете алтернатива, најдете го патот на друго место, купете каде било, само не во еден од овие пет синџири“, резимира Гавриловиќ.
Економистот Драгован Милиќевиќ во едно неодамнешно интервју истакна дека бојкотот на малопродажните синџири е пропуштена тема, а сега објаснува дека тоа го рекол затоа што смета дека одредувањето цени во продавниците не е едноставно. „Не се единствените кои ги формираат цените. Цените ги одредуваат производителите, дистрибутерите и, се разбира, големите трговски синџири. Кога ќе го погледнете нивото на маржата, ќе видите, на пример, дека таа е 20 проценти за еден малопродажен синџир, а 42 проценти за друг, од друга страна, ќе видите дека нема голема разлика во цените меѓу тие трговски ланци“, посочува Милиќевиќ, пренесува Данас.




